Хрватскиот државјанин Матеј Периш (27) од Сплит исчезна ноќта меѓу 30 и 31 декември во Белград, а полицијата секојдневно трага по него веќе 12 дена.

Од засега непознати причини околу 1.20 часот по полноќ, Периш истрчал од клубот „Готик“ каде бил со друштвото и оттогаш му се губи секаква трага. Новинарот Младен Мијатовиќ вечерва ги обелодени последните информации за овој случај.

– Единици на Министерство за внатрешни работи (МВР) и денеска го пребаруваа Дунав низводно од Панчевскиот мост. Интензивно се трага по реките Сава и Дунав откако се дозна дека телефонскиот сигнал на исчезнатиот млад човек е регистриран покрај оградата на шеталиштето Сава, што се поклопува со видеото на кое се гледа како Матеј се приближува до оградата покрај реката, вели новинарот.

Според него, од видеото не се гледа дека има некој друг до него, што укажува на претпоставката дека тој случајно, односно доброволно влегол во реката Сава.

– Според претпоставките кои засега постојат, по влегувањето се обидел да плива, а потоа струјата го однела понатаму во Дунав. Екипата на хрватската полиција денеска се врати во Загреб. Телефонот на Матеј Периш се уште не е пронајден. Сите податоци од истрагата се пренесуваат на Ненад Периш, таткото на Матеј, а потрагата ќе продолжи утре и покрај неповолните услови – изјави Мијатовиќ во „Националниот дневник“.