Матеј Периш и неговото друштво консумирале дрога, денеска изјави претседателот на полицискиот синдикат на Србија, Вељко Мијаиловиќ, објави „Блиц“.

– Можете да замислите како тоа влијаело на нивните тела. Алкохол плус наркотици. Матеј станал од масата околу 1.40 часот и нагло излегол. Неговите пријатели забележале дека го нема речиси еден час подоцна. Пријавиле дека го нема следниот ден попладне, открива Мијаиловиќ.

Тој нагласува дека полицијата уште од старт добила оскудни информации од нив.

– Не спомнаа наркотици, затоа што го познаваат и го сакаат таткото на Матеј, а тој не знаел дека неговиот син се дрогира, но траги најдовме во комбето со кое дошле од Хрватска, како и во сместување во Белград, вели Мијаиловиќ.

Претседателот на полицискиот синдикат на Србија нагласува дека полицијата совесно си ја врши работата и дека може само да се надеваат дека ќе го најдат младиот човек жив.

– Колку повеќе време минува, толку помалку има надеж, но нема да се откажеме додека не го решиме овој случај, вели тој.