Норвешки Виперс Кристијансанд заминува во историјата. Клубот не собра доволно финансии за да продолжи, па престанува да постои и прогласи банкрот.
„Со тешко срце мораме да соопштиме дека Управниот одбор на Виперс одлучи да ја прекине работата и да објави банкрот на клубот. Ваквата одлука е донесена по темелна проценка на финансиската состојба на клубот и немањето можности за понатамошна акција“, соопштија од клубот, кој од 2021 до 2023 година три пати по ред ја освојуваше Лигата на шампионите.
Тимот одигра натпревар во Лигата на шампионите за време на викендот, што беше последен меч за најдобриот тим на Стариот континент во 2021, 2022 и 2023 година. Заради згаснувањето, ќе бидат избришани сите резултати на овој клуб во шампионатот и во Лигата на шампионите.
Виперс Кристијансанд беше вистински гигант, проект кој донесе големи успеси. Во Норвешка се вратија најголемите ракометни ѕвезди за да играат за клубот, меѓу нив и легендарната Катрин Лунде и Нора Мерк. Имаше и други големи имиња од женскиот ракомет, но веќе тоа е историја.