Легендарниот југословенски кошаркар Дражен Далипагиќ почина на 74-годишна возраст.

Мостарчанецот долго време беше тешко болен, а беше еден од најдоминантните кошаркари кон крајот на 1970-тите и почетокот на 1980-тите.

Со кошарка почнал да се занимава на 19 години, а само две години подоцна почнал да игра за репрезентацијата на поранешна Југославија. За неа одигра 243 натпревари и освои бројни медали на различни натпревари.

Тој освои три златни медали на Европското првенство, четири на Светските првенства (сребро во 1974 година, злато во 1978 година и бронза во 1982 и 1986 година), што е меѓународен рекорд и три олимписки медали (сребро во 1976 година, злато во 1980 година и бронза во 1984 година).

Играјќи за КК Партизан (1971–1980, 1981–1982), тој беше прогласен за најдобар кошаркар во Европа во 1977, 1978 и 1980 година.

На 10 септември 2007 година, тој беше примен во Куќата на славните. По играчкото пензионирање, Далипагиќ почна и тренерска кариера, но таа кратко траеше. Водеше само три екипи меѓу кои краток период и МЗТ Скопје, во сезоната 1998/99.

Кога Дражен Далипагиќ го победил Џордан

Кога Дражен Далипагиќ го победил Џордан
Малку е познат натпреварот меѓу најдобрите колеџ кошаркари од САД против најдоврите играчи од Европа, дуел на кој Далипагиќ го издоминирал младиот Мајкл.

Во склоп на турнејата ширум Европа, американските колеџ кошаркари, во Женева во 1982-та година се пробуваат против најдоброто што Европа го има во тој момент.

Американците предводени од неколку ултра добри таленти меѓу кои е и човекот кој стана најголем на сите времиња, тука бил и Џон Паксон (дел од генерацијата на Булс која со Џордан освојуваше титули), како и Џеф Тарнер.

Од друга страна европските докажани ѕвезди, Дражен Далипагиќ, Ткаченко од СССР, Израелецот Мики Беркович, Жељко Јерков и други.

На тој 18. јуни 1982-ра Европа ја победува Америка со 111-92. Далипагиќ бил најефикасен со 24 поени а Џордан уфрлил 20.

После два дена истите состави се сретнале и во Будимпешта каде Европа победила 103-88. Неколку дена подоцна САД играле против Југославија во Загреб па во Задар.