На патот демнат многу опасности, а и кога возат многу внимателно и ги почитуваат сите правила, возачите и нивните патници не можат со сигурност да кажат дека се безбедни.

Се советува внимателност во возењето секогаш и секаде, но многумина не знаат какви опасни ситуации може да се случат дури и кога автомобилот е паркиран.

Еден водител од Америка на социјалните мрежи опиша како направил сериозна штета на својот автомобил. На работа како и секогаш тргнал со кола, а поради жештините имал пластично шише со вода. Кога излегол од автомобилот и влегол во зградата на телевизијата, го оставил шишето на седиштето. И ете каде ја направи фаталната грешка!

Многумина не знаат дека пластиката, исто како и стаклото, може да има ефект на лупа. Светлината што минува низ пластиката ќе се „собере“ и ќе се концентрира во зрак, а ако го оставите шишето со вода доволно долго, ризикувате да ви го запали седиштето, што на водителот и му се случило.

“Не знаев дека на тој начин можам да запалам автомобил, ова е грешка која никогаш повеќе нема да ја направам. Го оставив шишето на совозачкото седиште, а кога се вратив, седиштето беше изгорено”, напиша Дру Андерсон.

Тој објасни дека сонцето удрило во шишето под „идеален“ агол и концентрираните зраци прво го загревале, а потоа го запалиле седиштето. Да дошол подоцна, можеби ќе изгорела цела кола.

Ако носите шише со вода, секогаш оставете го во автомобилот така што нема да биде на сонце.