Златан Васиљевиќ (42), кој во средата во италијанскиот град Виченца ги уби својата поранешна сопруга Лидија Миљковиќ (42) и девојката Габриела Серано (36) од Венецуела, а потоа си пресуди себеси, бил осуден на една година и пет месеци затвор за насилство врз неговата поранешна сопруга, сега покојната Лидија.

На судењето во јули 2020 година, таа изјави дека отсекогаш се плашела дека ќе ја убие.

Според италијанските медиуми, тогашното сведочење на Миљковиќ пред судот сега звучи уште пострашно бидејќи навистина се случило она од што најмногу се плашела. Таа, наводно, пред две години застанала во судницата со солзи во очите и рекла:

– Секогаш се плашев што ќе се случи ако направам нешто со што тој не се согласува. Ако ме убие, што ќе биде со моите деца…

Ѝ го скршил черепот, па ја избркал со децата од дома

Пријателка на убиената Лидија за медиумите изјави дека Васиљевиќ ѝ го скршил черепот во 2019 година.

– Никогаш не им правеше проблеми на другите, но знаеше да се напие пие и тогаш можеше да стане сосема друга личност, да се промени. Беше најлош за семејството, а најмногу за Лидија. За осми март 2018 година отидовме на прославата, се однесуваа како заљубен пар. Златан дури ѝ нарачуваше песни, а потоа само две недели подоцна толку ја претепал што ѝ го скршил черепот. Едвај преживеала – рекла пријателката.

Лидија и Златан

Васиљевиќ во таа постапка прво беше осуден на една година и десет месеци затвор, но казната во второстепената постапка по жалба му беше намалена. Во истата постапка тој беше ослободен од обвинението за сексуално насилство, а набрзо му беа укинати и претходно важечките мерки на претпазливост, по што од затвор е префрлен во домашен притвор.

Извор за локалните медиуми наведува дека оттогаш сменил неколку адвокати, а последната која го бранела Александра Нери изјавила дека се слушнала со него ден пред злосторството.

– Шокирана сум. Никогаш не мислев дека може да се случи такво нешто. Во вторникот разговарав со Васиљевиќ. Тоа беше сосема нормален разговор. Го прашав дали можеби ги добил документите од процесот што е во тек – изјави Нери.

Инаку, се работи за процес кој против него се води за семејно насилство во периодот од 2012 до 2018 година.

Убиената Габриела Серано го поминала истиот пекол со мажот со кој била во брак пред да стапи во врска со Васиљевиќ.

Габриела Серано

– И таа трпеше насилство и неколку пати го пријавуваше сопругот. Таа стапила во контакт со Васиљевиќ неколку месеци пред тој да ја убие. Неодамна беше оперирана во Шпанија, каде живее нејзината сестра, а едвај чекаше да се врати на работа и да продолжи со својот живот – наведува извор на италијанските медиуми.

Да потсетиме, злосторството се случило во предградието на Виченца, кога Васиљевиќ наводно и рекол на Габриела да се качи со него во автомобилот и да вози до Виченца. Кога стигнале во областа Вигоња, тој и пукал во задниот дел од главата. Потоа со нејзиното тело во автомобилот дошол во Виченца, каде ја начекал Лидија и ја застрелал на сред улица. На крајот се самоуби во автомобилот.

Паднал во долгови

Според италијанските медиуми, Васиљевиќ вршел физичка работа во Италија, но постои сомневање дека на крајот паднал во долгови. Неговата адвокатка Александра Нери изјави дека тој бил опседнат со Лидија некое време.

-Тогаш се надеваше дека ќе се смират, но последниве месеци почна да излегува со друга личност. Ми кажа дека не сака да знае ништо повеќе за неговата поранешна сопруга, дека таа повеќе не го интересира и дека има други планови – изјавила Нери.