Македонскиот претставник Васил Гарванлиев не се пласираше во финалето на Изборот за песна на „Евровизија“ годинава. Десетмина од шеснаесетте земји кои вчеравечер се претставија во првата полуфинална вечер се квалификуваа за големото финале кое ќе се одржи во сабота. Помеѓу земјите кои продолжуваат во големата саботна вечер се Норвешка, Израел, Русија, Азербејџан, Малта, Литванија, Кипар, Шведска, Белгија и Украина.

Покрај Северна Македонија, без пласман во финале останаа и Словенија, Хрватска, Ирска, Романија и Австралија.

-И покрај малите шанси за пласман во финалето, моќниот и емотивен настап и одличната вокална изведба на Гарванлиев дадоа надеж дека македонскиот претставник сепак ќе се најде помеѓу десетте финалисти. Повеќето реакции во јавноста по неговиот настап со „Here I Stand“ се позитивни. Ова е првпат македонски претставник на „Евровизија“ да користи визуелни ефекти при настапот кои придонесоа до поголем впечаток и ѝ дадоа дополнителен сјај на целокупната изведба, коментираа дел од медиумите.

Сепак, прашањето кое се поставува на социјалните мрежи е дали ваквиот одличен настап е плагијат. Имено, Настапот на Гарваниев со огледалата несомнено е идентичен со настапот на шведската пејачка Дотер лани на фестивалот Melodifestivalen 2020 во Гетеборг.

Ви ги приложуваме двата настапи, па оценете.

-Презадоволен сум од мојот настап. Цела сцена е исполнета со љубов и енергија. На крајот од настапот ќе светне изгрејсонце на сцена. Има специјален ефект, изгрева сонцето зад мене. Па и главната порака на целиот настап е темнината ја претвараме во светлина и шириме љубов, вели Гарванлиев во едно интервју.

Васил синоќа се појави во креација на дизајнерот Раде Василев.

-Раде Василев, секако и јас и Тине Мари ја смисливме гардеробата. И за тиркизниот килим се е заслуга на Раде и метафората со огледалото дека секогаш ја кажува вистината, не лаже е негова идеја, рече Васил во истото интервју.