Иранскиот борач Навид Афкари имаше сон да ја претставува својата земја на Олимписките игри. Како еден од најдобрите натпреварувачи и шампион, со право сонуваше за медал, златен.
Сепак, наместо да го гледаме како се бори за највисок пласман во Јапонија оваа недела, тој е мртов скоро една година. Иранските власти го обесија, обвинувајќи го за убиство на припадник на безбедносните сили на антивладините протести во 2018 година.
Афкари тврдеше дека не го направил она за што е обвинет, но постои сомневање дека бил мачен во затвор, па оттука и неговото наводно признание дека убил човек со нож.
Навид беше шампион на Иран во својата категорија, а познато е дека борењето е национален спорт во таа земја. Иранските натпреварувачи имаат освоено 43 олимписки медали, тие се убедливо најуспешната нација во историјата на овој спорт.
На 27 -годишна возраст, Афкари сигурно би бил еден од фаворитите за златен медал на овие Олимписки игри. Сепак, неговото учество во антивладините протести пред три години заврши фатално за него.
Тој беше уапсен под сомнение дека убил член на обезбедувањето, а подоцна бил осуден на смрт. Амнести Интернешнл тврдеше дека судењето не било фер, дека нема докази, но се беше залудно.
Тој доби две смртни казни, едната за убиство, а другата за предизвикување војна во земјата. Неговите браќа беа осудени на 27 и 50 години затвор. Борачот беше погубен на 12 септември 2020 година во Шираз.