Коронџи Калхун постариот, кој го играше синот на Хејл Бери, Тајрел во „Бал на монструмите“, почина на 30-годишна возраст.
Неговата смрт од конгестивна срцева слабост ја потврдила неговата мајка на страницата GoFundMe, отворена за собирање пари за неговиот погреб, јавува Би-Би-Си. Бери и продуцентот на Оскаровецот „Бал на монструмите“ (2001) донираа по 3.394 долари.
Мајката на Калхун, Тереза Бејли, рече дека семејството е трогнато од љубовта и поддршката што ја добиле.
„Иако повеќе не го чувствуваме финансискиот товар, сепак тагуваме за загубата на мојот син“, напиша таа.
„Затворајќи го поглавјето од неговиот живот, ве замолуваме, во спомен на него, да се сеќавате да ги сакате ближните како себеси, како што Коронџи го направи за својата заедница“, додаде таа.
Калхун имаше само 10 години кога се појави во „Бал на монструмите“, но никогаш повеќе немаше никакви улоги.
Филмот донесе пресврт во Холивуд, кога Бери стана првата црна жена што доби Оскар за најдобра женска улога.
Филмот се занимава со врската помеѓу Летиција Масгроу (Бери) и затворскиот чувар Хенк Гротовски (Били Боб Торнтон), кој започнал врска додека не дознал дека таа е вдовица на човекот (Шон Комбс) во чија егзекуција учествувал.
Калхун го играше уметнички надарениот син на Бери, кого таа психички и емоционално го злоставува поради дебелината, нарекувајќи го „големо прасе“.