Нашата позната пејачка, водителка и писателка Сузана Турунџиева на својот фејсбук – профил сподели емотивна објава во спомен на нејзиниот трагично починат брат.

Братот на пејачката прерано го загуби својот живот на 36 годишна возраст работејќи во Канада. Панде Турунџиев според написите во медиумите најпрво бил киднапиран, па убиен под неразјаснети околности, кои семејството никогаш не ги дознало и до крај никогаш не биле расветлени.

Болката за семејството Турунџиеви не стивнува и по дваесет години од загубата. Во спомен на својот брат пејачката сподели емотиво видео со фотографии од семејниот албум од раното детство на Панде и заеднички фотографии од бројни убави моменти од младоста на непрежалениот брат, син и сопруг.

– Денес се навршуваат 20 години, а јас сè уште не го најдов тоа „време кое лечи сè“. Истата болка, немир и невидена празнина… Ме крепи само мислата дека можеби моето братче се наоѓа на некое подобро место од ова, стои во описот на објавата полна со болка и тага на Турунџиева.

Како згасна животот на Панде Турунџиев?

Канадската полиција тогаш потврди дека станува збор за убиство, но не осомничи никого. Една година по убиството, ковчегот со посмртните останки на 36-годишниот битолчанец Панде Турунџиев, беше донесено во Битола.

Панде Турунџиев, кој работеше како градежен инженер во канадска градежна фирма, мистериозно исчезна на 13 ноември 2001 година, еден ден пред да оди на разговор за да почне да работи во друга фирма. Колата била пронајдена пред фирмата. Од неа недостигале само неколку проекти на кои тој работел.

Турунџиев бил пронајден мртов по 38 дена, фрлен од голема височина во една шума на 15 километри од неговиот дом, на 5 километри од домот на неговиот газда во близина на мало канадско гратче.

Неговата сестра Сузана Турунџиева основниот сомнеж за неговата мистериозна смрт тогаш го насочи кон газдите на фирмата во која работел, од кои едниот бил Бугарин, а другиот Италијанец од сицилијанското гратче Гелф.