Има суспендирани за ископаниот тунел во дворот на затворот „Идризово“, уверува новиот директор на казнено-поправната установа, Зоран Јовановски, во интервју за „Макфакс“, најавувајќи детали за одлуката откако ќе биде поднесен обвинителниот акт.

– Има суспендирани, но не можам да кажам колкумина се, ниту пак какви било други детали. Истрагата е во тек, се работи на расчистување на случајот. Наскоро очекуваме и обвинителен акт, но да почекаме да завршат постапките – вели директорот Јовановски.

Тунелот во затворот „Идризово“ беше откриен пред еден месец, а од МВР известија дека знаеле за него два месеца претходно. Во копањето учествувале најмалку осуммина затвореници осудени за сериозни кривични дела со казни од 10 години до доживотен затвор. Тунелот е долг 40 метри, осветлен и заштитен од уривање со потпори.

Води кон високата заштитна ограда, а лоциран е веднаш до објект кој се користел за складирање јаглен во дворот. Затворските работници иако имале индиции дека постои сомнително движење на осудениците околу помошните простории, тунелот го откриле откога почнале подготовка за уривање на помошните простории меѓу кои и онаа за складирање јаглен.